Gamze Türkoğlu Oğuz
05 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индиската Влада поднесе до Парламентот предлог за укинување на специјалниот статус на сојузната држава Џаму и Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), Индиската влада до Парламентот поднела предлог за измена на членот 370 од Уставот, кој на сојузната држава Џаму и Кашмир ѝ овозможува поголема автономија од другите сојузни држави.
Предлогот го соопшти индискиот министер за внатрешни работи, Амит Шах. Пратениците од опозицијата протестираа поради предлогот. Во меѓувреме, во Џаму и Кашмир се зголемува бројот на параполициските сили, а во регионот политичарите се ставаат во куќен притвор.
Од друга страна, безбедносните сили поставија челични бариери и бодликава жица на патиштата и крстосниците во Сринагар, Џаму и Кашмир.
Покрај тоа, во регионот забранети се јавни собири, училиштата се затворени, а исто така има ограничување во мобилните мрежи и интернетот.
- Проблемот на Кашмир -
По повлекувањето на Велика Британија од Индија во 1947 година, Кашмир продолжува да биде управуван како кнежевство, со можност сам да избере дали ќе се приклучи на Индија или на Пакистан. Жителите во кнежевството претежно направиле соодветен избор, меѓутоа принцот на Џаму и Кашмир во октомври 1947 година донесе одлука подрачјата во кои живеат околу 90 отсто муслимани да ги приклучи кон Индија.
Муслиманската популација на Кашмир се спротивстави на приклучувањето кон Индија, по што Индија и Пакистан испратија свои војски во подрачјето. Првата војна меѓу двете земји избувна во 1947 година поради Кашмир.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во 1948 година донесе одлука да се отстранат воените единици од Кашмир и побара одржување референдум во подрачјето.
Индија како своја територија ги прогласи и подрачјата во Кашмир кои се под контрола на Пакистан. Од друга страна, Пакистан смета дека Кашмир има право сам да ја одредува својата судбина, поддржувајќи ја одлуката на СБОН за одржување референдум.
Кашмир во моментов е поделен на три дела. Четириесет и пет отсто потпаѓа под контрола на Индија, 35 отсто под Пакистан и 20 отсто под Кина.
Подрачјето на Кашмир што е под контрола на Пакистан се нарекува „Азад Кашмир“. Делот од Кашмир што е под контрола на Индија е сојузната индиска држава „Џаму и Кашмир“ и претставува единствена сојузна држава во Индија во која поголемиот дел е муслиманско население.