свет

Индиската Армија започна воена операција против „цели“ во Пакистан и пакистанскиот дел на Азад Кашмир

- Индиската Армија објави дека започнала воена операција против „цели“ во Пакистан и во дел на Азад Кашмир, кој се наоѓа под контрола на Пакистан

Şilan Turp  | 07.05.2025 - Обновена : 07.05.2025
Индиската Армија започна воена операција против „цели“ во Пакистан и пакистанскиот дел на Азад Кашмир

АНКАРА (АА) - Индиската Армија објави дека започнала воена операција против „цели“ во Пакистан и во дел на Азад Кашмир, кој се наоѓа под контрола на Пакистан, известува Анадолу.

Во соопштението што го објави Индиското биро за јавни информации (ПИБ), се истакнува дека Армијата започнала операција против „цели“ во Пакистан и во регионот на Азад Кашмир, кој го контролира Пакистан.

Нападнати се девет региони, но се тврди дека „војските на Пакистан не биле целени“.

Покрај тоа, во соопштението се додава дека овие чекори се преземени по нападот во Пахалгам, напоменувајќи дека „одговорните ќе бидат повикани на одговорност“.

Индискиот министер за одбрана, Раџнат Синг, на својот профил на платформата X објави: „Да живее Индија.“

Индиската Армија на платформата X објави дека Пакистан отворил оган кон регионот Бимбер Гали, во индискиот дел на Кашмир, блиску до пакистанската граница.

Во соопштението се вели дека Пакистан со овој акт го прекршил Договорот за примирје, нагласувајќи дека Индија ќе даде „соодветен одговор“.

Во меѓувреме, индиските медиуми пренесуваат дека изворите, чии имиња не се наведени, изјавиле дека сите противвоздушни единици покрај индиско-пакистанската граница се активирани за да се одговори на секоја ситуација.

Изворите објасниле дека нападите биле спроведени без да се влезе на територијата на Пакистан.

Според веста што ја објави телевизискиот канал НДТВ, за време на нападот на Индија врз Пакистан биле користени ракетни бомби „Хамер“ од француско производство и крстосувачки ракети „Скалп“.

По овој настан, Меѓународниот аеродром во Сринагар, Кашмир, бил затворен за цивилни летови.

„АНИ њуз“ на платформата X објави дека индискиот премиер, Нарендра Моди, го следи напредокот на операцијата и дека нападот врз деветте цели бил успешен.


– Терористичкиот напад во Пахалгам

Во индискиот дел на Кашмир, во Пахалгам, вооружени лица на 22 април отворија оган врз туристи. Во нападот животот го загубија 26 лица, а голем број беа ранети.

Индиската Влада го обвини Пакистан за организирање на нападот и со тоа го суспендираше Договорот за водите на Инд, барајќи од пакистанските дипломати да го напуштат Њу Делхи во рок од една недела. Во исто време суспендирано е издавањето визи за Пакистанците и поништени се сите претходно издадени визи.

Пакистан ги отфрли обвиненијата и го ограничи бројот на индиски дипломати во Исламабад, прогласувајќи дека какво било нарушување на Договорот за водите на Инд ќе биде сметано за „акт на војна“. Пакистан во исто време ја суспендираше трговијата со Индија и го затвори својот воздушен простор.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.