Esat Fırat
31 Јули 2020•Ажурирај: 01 Август 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили не дозволија илјадници Палестинци да влезат во џамијата на веровесникот Ибрахим во градот Хеброн на окупираниот Западен Брег за да клањаат бајрам намаз, јавува Агенција Анадолија (AA).
Градоначалникот на Хеброн, Тејсир Ебу Суејне, за АА изјави дека израелските сили ги спречиле Палестинците да пристапуваат до џамијата и на само ограничен број луѓе им било дозволено да извршат молитва во џамијата.
Истакна дека поточно само 35 Палестинци можеле да влезат во џамијата, додавајќи дека оваа практика е спротивна со меѓународното право и дека е прекршено правото на луѓето на слобода на религија.
Откако не им беше дозволено да влезат во џамијата, илјадници Палестинци првин протестираа против оваа постапка на израелските власти пред влезот на џамијата, а потоа бајрам намаз клањаа во блиските улици.
Во голем број градови на окупираниот Западен Брег бајрамската молитва се изврши на отворено поради пандемијата на коронавирусот.
Во околниот простор на џамијата, поточно во пештерите под џамијата, се наоѓаат гробовите на божјиот пратеник Ибрахим и неговата сопруга Сара, синовите Исхак, Јакуб и Јусуф и нивните сопруги. И Евреите до 1994 година, но само во одредено време, доаѓаа да го посетат гробот на божјиот пратеник Ибрахим.
Еврејскиот екстремист Барух Голдштејн на 25 февруари 1994 година подметна пожар во џамијата и притоа уби 29 Палестинци, а рани 125.
Потоа, израелските власти, од безбедносни причини, делот во кој се наоѓаат гробовите на веровесникот Исхак го оставија на муслиманите, за да доаѓаат таму, а другите делови ги ослободија за Евреите. Еден дел е претворен во синагога. Деловите што се поделени можат да ги посетуваат и муслиманите и Евреите, но само во одредени термини.