Esat Fırat
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Од почетокот на годината израелските сили срушија 133 куќи на Палестинци во Источен Ерусалим (Кудс), велат податоците на Кабинетот за координација на хуманитарна помош (OCHA), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се наведува дека екипите на Градот Ерусалим вчера срушиле куќи бидејќи биле нелегално изградени.
Од OCHA потсетија дека во 2017 година во Источен Ерусалим се срушени 142 куќи на Палестинци.
Две куќи се срушени и денес на различни подрачја во Источен Ерусалим. Хена ел Магриби, сестра на еден од сопствениците на куќите, за АА изјави дека нејзиниот брат е во болница, а дека израелските сили не дозволиле ниту да се изнесат личните работи од куќата.

„Синот на мојот брат е убиен пред десет години. Го убија Израелците. И да останеме гладни, нема да заминеме од Ерусалим“, порача Магриби.
Израелските сили минатата недела во Источен Ерусалим срушија 14 продавници чии сопственици се Палестинци.
Хизир ед-Дибс, член на Одборот за заштита на бегалскиот камп „Шуафат“ во северниот дел на Источен Ерусалим, претходно изјави дека екипите од Управата на Ерусалим срушиле продавница во населбата Раас Хамис, во близина на бегалскиот камп, бидејќи ги немала потребните дозволи.
Екипите за рушење во населбата Раас Хамис влегле во придружба на израелската полиција и граничните сили.

Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека израелските власти од 2010 до 2014 година издале дозвола за само 1,5 отсто од вкупниот број барања што ги поднеле Палестинците.
Палестинските извори тврдат дека израелските сили од 1967 година во Источен Ерусалим срушиле над 5.000 куќи чии сопственици се Палестинци.
Израелските власти се закануваат со рушење на неколку илјади објекти во Источен Ерусалим, што се во сопственост на Палестинци.
Општините поврзани со Израел избегнуваат да издаваат дозволи, а Палестинците тврдат дека овој процес нема правна основа и дека тој е дел од израелската политика на застрашување и јудаизација.