Ikrame Imane Kouachi
09 Февруари 2024•Ажурирај: 11 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Седиштето на палестинската Црвена полумесечина во Појасот Газа е оштетено поради континуираното бомбардирање на израелската Армија, јавува Анадолу.
Причинета е голема штета на седиштето на друштвото во населбата Тал ал-Хава во градот Газа и населбата Ал-Амал во градот Кан Јунис, изјавија очевидци за Анадолу.
Израелската Армија гаѓаше и возила што припаѓаат на групата за хуманитарна помош.
Болницата Ал Акса во Тал ал-Хава претрпе значителна материјална штета како резултат на нападите со тенкови.
„Израелската Армија намерно го гаѓаше седиштето на Црвената полумесечина и возилата за да ги исфрли од употреба“, рече портпаролот на Црвената полумесечина Раед ал Нимс.
Тој изјави дека нивните простори на северот на Газа биле изложени на најголеми напади.
„Тоа предизвика здравствена и хуманитарна криза, особено откако тамошните болници и медицински центри престанаа да работат“, рече Нимс.
Тој рече дека само еден медицински центар поврзан со друштвото сега работи во северниот дел на Газа за да обезбеди услуги за прва помош.
Додаде дека Израел ја прекинал испораката на медицинска помош, помош и храна за северниот дел на Појасот Газа, влошувајќи ја хуманитарната ситуација за стотиците илјади Палестинци кои живеат таму.
„Израелската Армија продолжува да ја опсадува болницата Ал-Амал, западно од Кан Јунис, од сите страни, не дозволувајќи им на Палестинците, кои се таму, храна, вода, медицински материјали, основни потреби и кислород. Во болницата се наоѓаат повеќе од 200 пациенти, медицински и административен персонал“, додаде портпаролот.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) на 7 февруари извести за алармантно ширење на болести поради недостаток на санитарни услови и чиста вода.
Целокупната акутна неисхранетост во Појасот Газа достигна 16,2 отсто, стапка што го надминува критичниот праг поставен од Светската здравствена организација од 15 отсто.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари донесе пресуда дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на луѓето од Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот.
Сепак, израелските сили продолжуваат да вршат напади во кои од 7 октомври досега загинаа најмалку 27.947 Палестинци, главно жени и деца, а беа ранети 67.459 лица.