Esat Fırat
26 Мај 2021•Ажурирај: 27 Мај 2021
КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелските војници со бомби со солзавец извршија директен напад врз центарот на палестинската Црвена полумесечина во градот Тубас, во окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со писмено соопштение, палестинската Црвена полумесечина информираше дека во нападот на израелските војници врз центарот, голем број болничари се соочиле со опасност да се задушат.
Во соопштението во кое се наведува дека бомбите фрлени од израелските војници во исто време предизвикале пожар во центарот, претставниците на Црвената полумесечина истакнуваат дека инцидентот „претставува јасно кршење на меѓународното хуманитарно право, во кое се наведува дека медицинскиот персонал и зградите треба да бидат заштитени“.
Се вели дека овој напад имал за цел да го казни персоналот на палестинската Црвена полумесечина поради извршувањето на својата хуманитарна должност кон палестинскиот народ, кој се спротивставил на израелската окупација.
Израелските власти не се огласија во врска со инцидентот.
Според информациите добиени од очевидците, израелските војници рано утринава извршиле рација во градот Тубас, користејќи пластични куршуми и солзавец.
На провокацијата од страна на израелските војници Палестинците одговориле фрлајќи камења.