Mehmet Nuri Uçar
23 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Претседателот на Израел, Исак Херцог, рече дека спорот околу контроверзниот план за реформи во судството е „најсериозна домашна криза“ што земјата ја видела досега, известува Анадолу.
Илјадници луѓе вчера повторно излегоа на улиците на Израел во знак на протест против контроверзниот план за реформи во судството и покрај тоа што верско десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху го одложи.
Во интервју објавено во израелскиот весник „Једиот ахронот“, Херцог вели: „Верувам дека моменталната криза (реформа во судството) е најопасна од воспоставувањето на државата, најсериозна во историјата на земјата.“
Наведувајќи дека кризата околу судските регулативи зафати многу сектори, Херцог рече дека дискурсите дека голема опозиција е против него се само пропаганда.
Истакнувајќи дека ги „одбил“ барањата за оставка, Херцог во интервјуто рече: „Имам голема доверба во сите слоеви во општеството.“
Откако на почетокот на јануари беше најавена реформата, десетици илјади Израелци се собираат секоја недела за да го критикуваат нацрт-законот и Владата што Нетанјаху ја формираше во декември, а ја опфаќа и крајната десница.
Реформите во судството, што на 5 јануари ги најави министерот за правда Јарив Левин, вклучуваат прописи кои ги ограничуваат овластувањата на Врховниот суд и ѝ дозволуваат на Владата да има право на глас во именувањето судии.
Под притисок на невладините организации и противење и внатре во самата коалициска влада и во војската, Нетанјаху го одложи контроверзниот закон кон крајот на март, за да „овозможи дијалог“.
И покрај одлуката за одложување, Владата на Нетанјаху која не направи чекор назад, изјави дека контроверзниот декрет ќе го врати во Парламентот на почетокот на мај.