Ahmed Asmar
03 Април 2024•Ажурирај: 04 Април 2024
АНКАРА (АА) - Израелскиот претседател Исак Херцог и началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви денес упатија извинување за убиството на седумтемина хуманитарни работници во Газа, поврзани со американската хуманитарна организација Светска централна кујна (СЦК), јавува Анадолу.
Канцеларијата на Херцог соопшти дека тој телефонски разговарал со основачот на СЦК, шефот Хозе Андерс, и изразил длабока тага и искрено извинување за трагичната загуба на животот на персоналот на СЦК во Појасот Газа и пратил порака со сочувство до нивните семејства.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Халеви, исто така, се извини за израелскиот воздушен напад врз хуманитарниот конвој во Газа.
Тој рече дека инцидентот се случил како резултат на погрешна идентификација.
Неколку земји во светот го осудија убивањето на хуманитарните работници во Газа, вклучително и САД, кои рекоа дека се „длабоко вознемирени“ од инцидентот.
Светската централна кујна вчера потврди дека седуммина од нејзините хуманитарни работници биле убиени во израелски воздушен напад врз Појасот Газа.
Хуманитарците се државјани на Австралија, Полска, Велика Британија и Палестина, како и со двојно државјанство на САД и Канада.
И покрај координирањето на движењето со израелската армија, хуманитарната организација соопшти дека конвојот бил погоден додека излегувал од складиште во градот Деир ал-Балах во јужниот дел на Газа, каде што тимот истоварил повеќе од 100 тони хуманитарна прехранбена помош донесена во Газа по морски пат.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Оттогаш се убиени најмалку 32.916 Палестинци, а 75.494 се повредени.
Израел воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Обединетите нации објавија дека израелската војна принудила внатрешно да се раселат 85 отсто од населението на Газа, а постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови. Во енклавата се оштетени или уништени 60 отсто од инфраструктурата.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој побара од Израел да стори повеќе за да го спречи гладот во Газа.