Ikrame Imane Kouachi
02 Јуни 2024•Ажурирај: 03 Јуни 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските медиуми објавија дека лидерот на опозициската партија „Израел наш дом“, Авигдор Либерман, добил понуда од премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја преземе функцијата министер за одбрана, известува Анадолу.
Весникот „Једиот Ахронот“ објави дека Либерман ја потврдил информацијата дека добил ваква понуда од Нетанјаху викендов.
„Нетанјаху е под многу силен притисок. И минатата недела имаше понуди за приклучување. Тоа се понуди со знаење на Нетанјаху“, рече Либерман.
Либерман изјави дека сепак преферира избори, а функцијата министер за одбрана веќе ја извршувал од 2016 до 2018 година.
„Иранците напредуваат кон нуклеарна бомба и планираат напади на Израел од повеќе фронтови, додека нашата влада е фокусирана на политичкиот опстанок“, рече Либерман.
Канцеларијата на Нетанјаху не даде коментар во врска со изјавите на Либерман.
Минатиот понеделник, за време на состанокот на парламентарниот блок на неговата партија, Либерман ги повика опозициските лидери да ги здружат силите и да формираат заедничка влада која ќе работи на смена на власта.
Тој, исто така, ги повика членовите на партијата Ликуд на Нетанјаху да пребегаат и да му се придружат.
Либерман често го критикуваше Нетанјаху, велејќи дека израелската влада го свртела од својот курс и дека смената на Нетанјаху би била од корист за Израелците.