Aness Suheil Barghoti
20 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, би можел да повика на повторни избори, бидејќи разговорите со коалицијата за формирање на влада не даваат прогрес, предупреди денес член на партијата Ликуд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“, членот на Ликуд рекол дека доколку разговорите со коалициските партнери стигнат до ќор-сокак, Нетанјаху може да повика на нови избори.
Нетанјаху има само уште осум дена до 28 мај, за да ја формира следната израелска влада.
На функција веќе десет години, Нетанјаху освои рекорден петти по ред мандат на изборите одржани на 9 април, кога неговата десничарска партија Ликуд освои 36 места во Кнесетот (израелскиот Парламент).
Членот на партијата Ликуд рече дека Нетанјаху ќе ја донесе одлуката во врска со повторните избори доколку не се постигне значителен напредок во разговорите со коалицијата во текот на оваа недела.
Минатата недела Нетанјаху рече дека помалите партии „треба да се симнат од дрвото“, бидејќи наметнуваат претерани барања за влез во владата.
Ако успее да формира нова влада, Нетанјаху ќе биде лидер со најдолг стаж во историјата на Израел.