Aleksandar Savanovic
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
НОВИ САД (АА) - Во недела, на 4 ноември, низ Србија лицата запишани во избирачкиот список на националните малцинства, на 926 избирачки места ќе ги бираат своите претставници на националните совети. На изборите ќе излезат претставници од 22 националности, односно повеќе од половина милион граѓани на Србија коишто се изјаснуваат како припадници на националните малцинства, јавува Anadolu Agency (АА).
Право на учество на изборите имаат само оние граѓани на Република Србија што се запишани на посебен избирачки список за припадници на националните малцинства, бидејќи избирачко право за гласање на изборите за националните совети не се стекнува со изјаснување на пописот на жители, туку со записот во посебен избирачки список.
- На непосредните избори 18 малцинства
Бројот на припадници на националните малцинства на пописот на жители и избирачи запишани во избирачкиот список значително се разликува, односно помал е бројот на припадници на националните малцинства, кои со запишувањето во посебниот избирачки список се стекнале со право да гласаат во недела и да ги изберат своите претставници во националните совети.
Според решението на Министерството за државна управа и локална самоуправа, почнувајќи од 19 октомври, во посебен избирачки список запиша 507.183 гласачи со право на глас за избор на членови на националните совети на своите национални заедници во недела на 4 ноември. Инаку, врз основа на последниот попис на жители во Република Србија од 2011 година, се проценува дека од вкупниот број жители на Србија, 13 отсто се претставници на националните малцинства.
Гласачите на непосредни избори ќе гласаат за членови од листата на националниот совет за 18 национални заедници, додека припадниците на македонското, хрватското, црногорското и руското малцинство, членовите на националните совети ќе ги бираат по пат на електронско собрание.
Тоа практично значи дека граѓаните со избирачко право за избор од овие четири заедници, ќе им даваат потписи на кандидатите, кои доколку го добијат потребниот број потписи, потоа ќе ги претставуваат во електронското собрание и ќе го избираат составот на националниот совет.
Од 18 национални заедници чии претставници се бираат на непосредни избори, најбројни по бројот на запишани гласачи во избирачкиот список се Унгарците, со повеќе од 129.000 гласачи, следуваат Бошњаците со повеќе од 103.000, Ромите со повеќе од 66.000 гласачи и Албанците со запишани 36.000 избирачи.
- Најголем број избирачи ќе гласаат во Војводина
Најмногу избирачи, како што се очекува, своето избирачко право ќе го искористат во Војводина, на чија територија свои седишта имаат дури 14 национални совети на националните малцинства во Србија. На подрачјето на Санџак се избираат претставници на бошњачкото национално малцинство.
Републичката изборна комисија прогласи 58 изборни листи, а куриозитет е дека најмногу пријавени листи - 7 има русинското национално малцинство, кое е едно од малубројните заедници со нешто помалку од 8.000 запишани избирачи. Наспроти ова, најбројната унгарската заедница има само две изборни листи.
За избор во Бошњачкиот национален совет пријавени се 4 листи, во Ромскиот 5, а за Албанскиот 6 изборни листи.
Законот за националните совети на националните малцинства пропишува, во зависност од бројот на припадници на националната заедница, бројот на членови на националниот совет да варира од 15 до 35 членови. Заедниците коишто на пописот имаат помалку од 10.000 припадници имаат 15, додека националните заедници со повеќе од 100.000 имаат 35 членови.
Националните малцинства имаат овластувања во уредувањето на образовната програма на јазикот на националните заедници, како и во областа на културата на информирање и други области.