Aleksandar Savanovic
04 Ноември 2018•Ажурирај: 05 Ноември 2018
НОВИ САД (АА) - Утрово во Србија беа отворени избирачките места за избор на националните совети на националните малцинства, а најмногу гласачи, како што се очекува, правото на глас ќе го искористат во Војводина, на чија територија се наоѓа седиштето на 14 национални совети на националните малцинства во оваа земја, јавува Anadolu Agency (АА).
Според бројот и разновидноста на националните заедници најмногу листи на едно избирачко место се пријавени во Нови Сад.
На 926 избирачки места во Србија се избираат претставници во националните совети, а на изборите ќе излезат претставници од 22 националности, односно околу половина милион граѓани на Србија кои се декларираат како припадници на националните малцинства.
По одлуката на Министерството за државна управа и локална самоуправа, на 19 октомври во посебниот избирачки список се запишани 507.183 гласачи со право на глас за избор на членови на национални совети на своите национални заедници. За 18 национални заедници, гласачите на непосредните избори ќе ги избираат членовите на листите за националниот совет.
Припадниците на македонското, хрватското, црногорското и руското малцинство, членовите на националните совети ќе ги избираат преку Електорското собрание, што подразбира граѓаните со своите потписи да го поддржат претставникот во Електорското собрание, кој во нивно име ќе учествува во избирањето на составот на Националниот совет.
Од 18 национални заедници, чии претставници ги избираат најбројните по број запишани во избирачкиот список се унгарската заедница со над 129.000, бошњачката со над 103.000, ромската со над 66.000 гласачи и на албанската со околу 36.000 запишани гласачи.
Републичката изборна комисија објави 58 изборни листи. Најмногу пријавени листи - седум, има руското национално малцинство кое е едно од помалубројните заедници со нешто помалку од 8.000 регистрирани гласачи. Најголемата, унгарската заедница, има само две изборни листи.
На изборите за Бошњачкиот национален совет пријавени се четири листи, за Ромскиот национален совет пет, додека за Албанскиот национален совет, шест листи.
Законот за национални совети на националните малцинства пропишуваат, во зависност од бројот на припадниците на националната заедница, бројот на членови на Националниот совет да варира од 15 до 35 члена. Заедниците кои на пописот имаат помалку од 10.000 припадници, на листата имаат 15, а националните заедници со повеќе од 100.000, имаат 35 члена.
Националните совети имаат овластување во уредувањето на образовната програма на јазикот на својата национална заедница, како и во областа на културата, информирањето и во другите области.