Khalid Mejdoup,Ali Semerci
25 Февруари 2024•Ажурирај: 26 Февруари 2024
РАБАТ (АА) - Мароканскиот лекар Зухаир Лана, кој работеше како волонтер во Појасот Газа еден месец, рече дека она што се случува во блокираната палестинска енклава „ќе остане дамка на срам на лицето на целиот свет“, известува Анадолу.
На својот профил на социјалните мрежи, Лана објави дека поминал еден месец во јужниот дел на Појасот Газа за да им помогне на повредените во болниците на кои им недостигаат најосновните потреби.
„Ова што се случува во Газа ќе остане дамка од срам на лицето на целиот свет и ќе има последици кои само Господ ќе ги знае“, рече Лана.
Тој нагласи дека на луѓето во Газа им треба сè, особено засолниште, храна, облека, вода, храна за бебиња и пелени.
Мароканскиот лекар изјавил дека не знаел што да каже додека бил во хотелот во кој престојувал во Каиро, главниот град на Египет, каде бил на безбедно откако го напуштил Појасот Газа.
Тој изјави дека не може да се објасни што значи безбедност за некој што не доживеал ужас и страв.
„Волонтирам на места каде има конфликти и војни веќе 25 години, но она што луѓето го доживуваат во Газа е најлошото што некогаш сум го видел. Не можевме ни да одиме на север од Појасот Газа“, рече Лана.
Од почетокот на нападите на Израел, обвинет за геноцид, на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 29.692 Палестинци, воглавно деца и жени, а ранети се повеќе од 69.879 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.