Rania R.a. Abushamala
25 Февруари 2024•Ажурирај: 26 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел ја води војната во Палестина наместо Соединетите Американски Држави (САД), изјави вчера портпаролот на палестинското претседателство, Набил Абу Рудеине, известува Анадолу.
На вонредниот состанок на министрите за информации на земјите-членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Истанбул, Рудеине истакна дека САД попречиле неколку резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за прекин на огнот и „испратија носачи на авиони во Средоземното Море за потребите на Израел, што значи дека војната ја води САД, а ја спроведува Израел“.
Тој ги повика арапските и исламските земји да извршат притисок врз САД за да ја прекинат војната против палестинскиот народ и да не се задоволуваат само со изјави.
„Газа е составен дел на државата Палестина. Израел нема да победи во ниедна војна против Палестинците. Имаме волја и решителност. Нема да се предадеме, против окупацијата се бориме сто години“, нагласи Рудеине.
Според него, Ал Кудс (Ерусалим) и неговите светилишта биле сведоци на невидени прекршувања на правата од страна на израелските окупатори, од кои последното било „намерата на израелската окупација да воведе ограничувања за влез на верниците во џамијата Ал Акса за време на претстојниот месец Рамазан, за што е потребен арапски и исламски став во знак на поддршка за издржливоста на палестинскиот народ“.
Тој го повика светот да застане покрај Палестинската ослободителна организација, која ги претставува сите сегменти на палестинскиот народ.