Ali Cura
20 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
КИЕВ (АА) - Владимир Зеленски, кој победи на претседателските избори во Украина, положи заклетва и ја започна функцијата претседател на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во украинскиот Парламент се одржа свечена церемонија по повод положувањето на заклетвата на Зеленски. На церемонијата присуствуваа претседатели, премиери и претседатели на парламенти од различни земји. Од Турција, на манифестацијата присуствуваше потпретседателот Фуат Октај.
Зеленски, на Генералното собрание на Парламентот даде заклетва со положување на раката врз Уставот. Покрај доделувањето на мандатот за претседател, на Зеленски му беа доделени и некои државни симболи.
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во својот прв говор во Парламентот, по инаугурацијата, рече дека победата на претседателските избори не е негова, туку заедничка победа и шанса на сите.
Тој нагласи дека војната на истокот на земјата не ја започнале самите, но ќе ја завршат сами.
„Ние сме подготвени за дијалог. Но првиот чекор за овој дијалог е враќањето на сите украински заробеници. Нашето следно прашање е да ги вратиме изгубените територии. Ако треба да се зборува вистината, според мене оваа формула (се мисли на зборот враќање на територии) не е точна. Крим и Донбас се територии на Украина“, рече Зеленски.
Обраќајќи им се на руски на луѓето што живеат во областа Донбас во источниот дел на земјата, Зеленски рече: „Ние не ги изгубивме само нашите територии, што е најважно ги загубивме луѓето“.
Зеленски, истакнувајќи дека не се плаши од тоа да носи тешки одлуки, рече дека за мир е подготвен да ја изгуби и популарноста и ако треба и функцијата. „Подготвен сум да направам сè за да ги спречам нашите херои да умираат“, нагласи Зеленски.
Тој побара да не се става неговиот портрет како шеф на државата во државните институции, потенцирајќи дека шефот на државата не е икона и дека подобро сите во собите да ги ставаат фотографиите на своите деца.
- Зеленски прогласи распуштање на Парламентот -
Украинскиот претседател Зеленски повика Владата да даде оставка и истакна дека го распушта 8. состав на украинскиот Парламент.
Тој, исто така, побара укинување на пратеничкиот имунитет, да се донесе кривичен законик против незаконското збогатување и измена на Изборниот закон.
Според Уставот на Украина, парламентарните избори во земјата мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на Парламентот.