Израелскиот министер Смотрич: Израел планира да анектира 82 % од окупираниот Западен Брег
„Никогаш нема и никогаш не може да има палестинска држава на нашата земја“, порача Смотрич

ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Израел планира да анектира 82 % од окупираниот Западен Брег за да спречи воспоставување палестинска држава, изјави денес израелскиот министер за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич, јавува Анадолу.
„Израелскиот суверенитет ќе се применува на 82 % од територијата“, изјави Смотрич, лидерот на крајнодесничарската Национална религиозна партија - Религиозен ционизам, на прес-конференција во Ерусалим.
„Време е да се примени израелскиот суверенитет во Јудеја и Самарија (Западен Брег) и еднаш засекогаш да се отстрани идејата за поделба на нашата мала земја“, рече тој.
Министерот од крајната десница изјави дека работите на Палестинците ќе ги води палестинската управа, која подоцна ќе биде заменета со она што тој го нарече „алтернативи за регионално цивилно управување“.
Смотрич рече дека главниот принцип на анексијата е „максимална територија со минимално арапско население“.
„Никогаш нема и никогаш не може да има палестинска држава на нашата земја“, нагласи Смотрич и додаде: „Ако палестинската управа се осмели да се крене и да се обиде да ни наштети, ние ќе ги уништиме исто како што му правиме на Хамас“.
Смотрич ја нарече анексијата на Западниот Брег „превентивен чекор“ против потезите на многу земји да ја признаат палестинската државност.
Неколку земји, вклучувајќи ги Белгија, Франција, Велика Британија, Канада и Австралија, објавија планови за признавање на палестинската државност за време на претстојните состаноци на Генералното собрание на Обединетите нации од 8 до 23 септември, придружувајќи се на 147 земји кои веќе го направија тоа.
Смотрич го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху „да донесе историска одлука за примена на израелскиот суверенитет на сите отворени области во Јудеја и Самарија (Западен Брег)“.
На 20 август, Израел одобри голем проект за населување, наречен Е1, кој има за цел да го подели окупираниот Западен Брег на два дела, отсекувајќи ги северните градови Рамала и Наблус од Витлеем и Хеброн на југ и изолирајќи го Источен Ерусалим.
Меѓународната заедница, вклучително и ОН, ги сметаат израелските населби за нелегални според меѓународното право. ОН постојано предупредуваат дека континуираната експанзија на населбите ја загрозува одржливоста на дводржавното решение, рамка што се смета за клучна за решавање на повеќедеценискиот палестинско-израелски конфликт.
Минатиот јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи окупацијата на палестинската територија од страна на Израел за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.