Ikrame Imane Kouachi
11 Јануари 2025•Ажурирај: 12 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските медиуми објавија дека Амир Барам, заменик началникот на Генералштабот на израелската армија, побарал да се повлече од функцијата до крајот на февруари, наведувајќи ги како причина затегнатите односи со началникот на Генералштабот, Херци Халеви, пренесува Анадолу.
Според весникот „Једиот Ахронот“, генерал-мајор Барам вчера го поднел своето барање до Халеви, да ја напушти функцијата на крајот на февруари.
Се истакнува дека одлуката предизвикала шок во Генералштабот, особено затоа што Халеви, исто така, навести дека ќе поднесе оставка по завршувањето на извештајот за справувањето на Израел со нападот на 7 октомври 2023 година.
На 20 декември, весникот „Маарив“ објави дека Халеви би можел да се повлече од функцијата до февруари, на чие место би можел да дојде генералниот директор на Министерството за одбрана, Ејал Замир.
Израелската армија уби над 46.000 Палестинци, главно жени и деца, во Газа во нападите кои започнаа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година.