Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout,Hacer Başer,Mücahit Aydemir
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
ЕЛ КУДС / ЕРУСАЛИМ (АА) - Итамар Бен-Гвир, лидер на партијата „Еврејска моќ“ во Израел, повика на враќање на политиката на атентати и зголемен притисок врз палестинските затвореници поради бомбашките напади во Западен Ерусалим, известува Агенција Анадолија (АА).
Бен-Гвир, кандидат за министер за внатрешна безбедност во новата израелска Влада, која се очекува да биде формирана под водство на Бенјамин Нетанјаху, даде изјава за новинарите на местото на нападите.
„Тероризмот мора да плати многу висока цена. Ова значи враќање на атентатите, зголемување на притисокот врз палестинските затвореници и стопирање на плаќањата на палестинската управа“, истакна Бен-Гвир.
Познат по својата расистичка и дискриминаторска реторика кон Палестинците, овој израелски политичар нагласи дека треба што поскоро да се формира новата влада за да се применат споменатите безбедносни мерки.
Од друга страна, израелскиот министер за внатрешна безбедност, Омер Бар-Лев, на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека двата напади се производ на организирана структура.
Истакнувајќи дека израелските безбедносни единици прават напори да ги лоцираат напаѓачите, Бар-Лев рече дека тие ќе бидат фатени, живи или мртви.
Израелската полиција утринава информира дека се извршени бомбашки напади на две автобуски постојки на крстосниците Гиват Шаул и Рамот во Западен Ерусалим, во период од половина час, во кои загина еден Израелец, а 14 лица се повредени, од кои 4 потешко.
Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападите.