10 Мај 2021•Ажурирај: 10 Мај 2021
КУДС (АА) - Израелскиот Кабинет за безбедност одобри масовни воздушни бомбардирања врз Газа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Весникот „Једиот Ахронот“ (Yedioth Ahronoth) јавува дека израелскиот министер за одбрана Бени Ганц прогласил вонредна состојба во зона од 80 километри околу блокираната палестинска енклава Газа.
Тоа им дава овластувања на израелските безбедносни сили за забрана на секаков вид собири и за евакуација на мештаните од тој појас.
Израелскиот јавен емитер КАН јавува дека израелската војска вечерва му упатила закани на палестинското движење Хамас дека остро ќе одговори на ракетните напади од Газа и дека тие одговори нема да траат минути, туку со денови.
Израелската војска нареди затворање на училиштата во појасот околу Газа.
Израелските бомбардери вечерва ги извршија првите воздушни напади врз Газа.
Палестинските групи на отпорот истрелаа најмалку 40 ракетни проектили кон Ерусалим, Ашкелон, Сдерот и израелските населби околу Газа.
Палестинската Црвена полумесечина претходно соопшти дека денеска во интервенциите на израелските безбедносни сили во комплексот „Ал-Акса“ повредени се најмалку 305 Палестинци.
Палестинците во Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судски одлуки за протерување на палестинските семејства од Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со интервенција се обидоа да ги истераат верниците од комплексот на „Ал Акса“.
И утринава израелските сили интервенираа врз Палестинците кои се собраа по клањањето на утринската молитва (сабах-намаз) за да го спречат влезот на радикалните еврејски групи во комплексот „Ал Акса“.
Радикалните еврејски групи вчера и денес го одбележуваат „Денот на Ал Кудс“ во знак на сеќавање на денот кога Израел на крајот на Шестдневната војна во 1967 година го окупираше Ал Кудс (Ерусалим). По тој повод ги повикаа радикалните Евреи да влезат во комплексот „Ал Акса“.
Директорот на комплексот „Ал Акса“, Омар ал Кисвани, го повика исламскиот свет да помогне. Тој преку разгласот на Харем-и Шериф истакна дека „Ал Акса“ се наоѓа под голем напад и најави продолжување на палестинскиот отпор.