Ekip
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
ЕРУСАЛИМ (АА) - Висок израелски функционер денес повика на протерување на Арапите со воз во Швајцарија, предизвикувајќи бура од осуди, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Кога би постоело копче кое би можело да се притисне со што би ги снемало сите Арапи, кое би ги испратило со експресен воз во Швајцарија - нека живеат неверојатни животи таму, им посакувам сѐ најдобро на светот - би го притиснал тоа копче“, рече заменик-министерот за верски прашања Матан Кахана во изјавата цитирана од израелската радиодифузна корпорација.
„Не постои такво копче, очигледно ни е судено да постоиме овде [заедно] на оваа земја во некоја форма“, додаде тој додека зборуваше со учениците во средното училиште во населбата Ефрат на окупираниот Западен Брег.
„Има такви кои мислат дека ако се вратиме на границите од 1967 година, тука ќе има две држави кои ќе живеат во мир една со друга. Мислам дека тоа е глупост“, рече тој.
Кахана подоцна на Твитер напиша дека еврејското и арапското население „мора да работат за да живеат во соживот“.
„Нашата коалиција е храбар чекор кон оваа цел во рамките на оваа поголема дискусија, неколку од моите изјави беа лошо формулирани“, додаде тој.
Неговите забелешки, сепак, предизвикаа критики од арапскиот пратеник во Кнесет, Ахмад Тиби, кој на Твитер напиша: „Постои копче што ве исфрла од Владата и од Кнесетот; наскоро ќе го притиснам“.
Според израелската радиодифузна корпорација, Кахана подоцна му телефонирал на Тиби и му се извинил за изјавите.