Ahmed Asmar
20 Јануари 2024•Ажурирај: 21 Јануари 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Неколку семејства на израелски заробеници кои се држат во Појасот Газа изјавија дека ја изгубиле довербата во Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за барањата за враќање на заробениците, пренесува Анадолу.
Израелската државна телевизија КАН јави дека семејствата ќе спроведат свои иницијативи.
Семејствата не прецизираат за какви иницијативи станува збор.
КАН цитираше едно семејство кое рече: „Секое одложување на преговорите ќе ги доведе во опасност нивните животи (на израелските заробеници во Газа).
Во меѓувреме, КАН објави дека десетици семејства доцна синоќа се упатиле кон домот на Нетанјаху во Цезареја во северен Израел, за да извршат притисок врз него за ослободување на заробениците.
Поранешниот шеф на разузнавачката агенција Мосад, Тамир Пардо, се придружи на повиците на поранешните безбедносни функционери кои бараат од владата да преземе чекори за ослободување на заробениците.
Тој за КАН изјави дека завршувањето на војната против Газа со убиени заробеници значи дека Израел губи за прв пат. Тој ја истакна и потребата да се коригира пристапот на власта во однос на напуштањето на своите граѓаните.
Израел смета дека Хамас држи 136 Израелци во Газа од 7 октомври. Палестинската група на отпорот бара прекин на огнот во Газа и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори во замена за ослободување на израелските заробеници кои ги држи.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас во кој Тел Авив вели дека се загинати 1.200 лица.
Според палестинските здравствени власти, од 7 октомври во израелските напади врз Газа се загинати најмалку 24.762 Палестинци, главно жени и деца, а 62.108 се повредени.
Поради израелската офанзива 85 отсто од населението на Газа е внатрешно раселено, каде постои акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според Обединетите нации (ОН).