Qais Omar Darwesh Omar,Ali Semerci
21 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
РАМАЛА (АА) - Делегацијата на палестинските затвореници поврзана со Палестинската ослободителна организација (ПЛО) соопшти дека лекарите во Медицинскиот центар „Каплан“ во централен Израел се обиделе насилно да го нахранат палестинскиот затвореник Микдад ал Кавасиме (24), кој штрајкувал со глад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на делегацијата се наведува дека лекарите во Медицинскиот центар „Каплан“ се обиделе насилно да го нахранат Кавасиме, кој штрајкува со глад веќе 91 ден.
Се истакнува дека овој обид на лекарите имал за цел да го прекине штрајкот со глад на Кавасиме. Настанот се случил вчера додека Кавасиме бил врзан за креветот.
Затвореникот вчера е пренесен на Одделот за интензивна нега во Медицинскиот центар „Каплан“, откако му се влошила здравствената состојба.
На 30 јули 2015 година, израелскиот Кнесет го одобри законот со кој се овозможува „насилно хранење“ на палестинските затвореници и затвореници кои штрајкуваат со глад.
Оваа одлука наиде на реакција од Палестинците и меѓународните организации за човекови права.
- Практиката за „административен притвор“ на Израел -
Израелските сили често вршат рации во окупираните територии на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Кудс), и под различни образложенија приведуваат Палестинци.
По приведувањата, кои на Западниот Брег и во Источен Ерусалим станаа вообичаени, дел од приведените Палестинци, меѓу кои има деца и жени, со денови се држат во центрите за притвор.
Израел, со практиката наречена „административен притвор“, во зависност од разузнавачките информации, може да приведе Палестинци и да ги држи во притвор од еден до шест месеци.
Ако притвореникот се смета за „опасност за безбедноста на Израел“, воениот судија може да му го продолжи времетраењето на притворот до пет години.
Според податоците на Здружението на палестински затвореници, заклучно со 6 септември 2021 година, во израелските затвори има приближно 4.650 Палестинци, од кои 520 се „административни затвореници“. Околу 200 од нив се деца.