свет

Израелски експерти: „Неетичкиот мировен план на Трамп може да го разгори Блискиот Исток“

„Секој којшто ги следеше последните 30 години од израелско-палестинскиот конфликт разбира дека објавата на американскиот претседател за неговиот прв чекор од договорот е само форма и без суштина...“

Vakkas Doğantekin  | 25.06.2019 - Обновена : 26.06.2019
Израелски експерти: „Неетичкиот мировен план на Трамп може да го разгори Блискиот Исток“

АНКАРА (АА) - Израелски безбедносни експерти изјавија дека предложениот мировен план за Израел и Палестина на американскиот претседател, Доналд Трамп, е неетички, непрактичен и може да го разнесе Блискиот Исток, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Договорот на векот“ треба допрва да биде откриен целосно. Сепак, врз основа на протекувањето на информации во медиумите, предвидува големи отстапки на Израел во врска со статусот на Ерусалим и правото на палестинските бегалци да се вратат во своите домови во историската Палестина.

Ерусалим останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт, а Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.

Палестинската управа со седиште во Рамала соопшти дека нема да присуствува на конференцијата во Бахреин и дека ја отфрлиле улогата на САД во процесот на посредување, уште од контроверзното признавање на Ерусалим како главен град на Израел во 2017 година, од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во објавената статија со политичко мислење во американскиот политички магазин „Политико“ („Politico“), поранешниот директор на Израелската безбедносна агенција „Шин Бет“, Ами Ајалон, поранешниот шеф на Кабинетот на израелскиот премиер Ехуд Барак и висок мировен преговарач, Гилеад Шер, и високиот технолошки претприемач и коосновач на тинк-тенк во Израел, Орни Петрушка, го нарекоа планот на Трамп како „опасно симплистички пристап кон комплицирана ситуација“.

Израелските експерти велат дека планот звучи одлично на хартија, но дека под површината е само форма, без никаква суштина.

„Секој којшто ги следеше последните 30 години од израелско-палестинскиот конфликт разбира дека објавата на американскиот претседател за неговиот прв чекор од договорот е само форма и без суштина: ново име за истата неуспешна идеја позната како 'економски мир' и пред тоа како 'нов Блиски Исток'“, велат експертите.

Обвинувајќи го американскиот претседател, Трамп, и неговиот зет и висок советник, Џаред Кушнер, кој според наводите го предводел планот, дека не успеале да ја разберат историјата на регионот и борбата на Палестинците, експертите велат дека поставувањето на економијата пред клучните политички прашања претставува „шлаканица во лице за Палестинците“.

Тие се согласија дека би претставувало „тактичка грешка“ да се претпостави дека Палестинците доброволно би прифатиле план за економско-општествена контрола што вклучува политичка цена, како што е губењето на поголем дел од земјата во израелската окупација.

„Економските решенија не можеа да го спречат избивањето на првата и втората интифада на Западниот Брег, и покрај тоа што беа на дневниот ред на неуспешните мировни преговори во Париз и Осло“, велат експертите.

„Тие избија бидејќи понатамошниот пат беше нејасен и затоа што Палестинците сметаа дека понудените економски придобивки нема да доведат до прекин на окупацијата“, велат експертите.

Израелските екперти ја нагласија важноста од избегнување на „огромната грешка“ за продолжување на преговорите „без дефинирање на крајната цел“.

„И за Палестинците и за Израелците таа цел треба да биде ставањето крај на окупацијата, и формирање палестинска држава паралелно со Израел во рамките на границите од 1967 година, со неопходна размена на територии“, додаваат експертите.

Тие, исто така, рекоа дека не би постоела еврејска, ниту демократска држава, без решавање на палестинското прашање.

Едно нешто за кое експертите не се сигурни се намерите на Трамп со овој план.

„Сè уште е нејасно дали намерите на Трамп се добри или само се обидува на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, да му направи политичка услуга“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.