Ahmed Asmar
15 Август 2024•Ажурирај: 16 Август 2024
АНКАРА (АА) - Израелската војска утрово уби двајца Палестинци и повреди четворица во напад со дрон врз бегалскиот камп Балата во градот Наблус во северниот дел на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Според државната палестинска новинска агенција Вафа, нападот со дрон се случил додека израелските сили вршеле рација во кампот Балата во источен Наблус, предизвикувајќи судири со Палестинците.
Според локални извори кои ги идентификуваа двајцата убиени Палестинци како Ахмад Шеик-Калил и Ваел Машех, и двајцата се од бегалскиот камп.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелските сили го попречиле движењето на амбулантните возила кои ги префрлале повредените во болница.
Израелските сили вршат редовни рации низ различни области на Западниот Брег, што ескалираа од почетокот на конфликтот во Газа минатиот 7 октомври. Палестинците се соочија и со насилни напади од илегалните еврејски доселеници.
Оттогаш, најмалку 632 Палестинци се убиени, а речиси 5.400 се повредени од оган на израелската Армија на окупираната територија, според Министерството за здравство.
На 19 јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и повика на евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).