Qays Abu Samra,Gülşen Topçu
24 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
РАМАЛА (AA) – Израелските безбедносни сили ја срушија куќата на едно палестинско семејство во бегалскиот комплекс „Ал Амари“ во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската војска со булдожери рано утрово влезе во кампот и сруши трикатна куќа во изградба, која беше во сопственост на Палестинецот Лутфи Абу Хамид.
Палестинската младина негодуваше поради рушењето, а израелските сили ги растеруваа собраните со употреба на солзавец и пластична муниција.
Израелските сили тврдат дека еден член од семејството Абу Хамид е одговорен за смртта на еден израелски војник, поради што куќата на тоа семејство е срушена и кон средината на декември минатата година.
Палестинското семејство на исто место подигна нов објект, а и тој утрово е срушен.
Палестинските власти ветија дека на семејството Абу Хамид ќе му помогнат во изградба на куќа на истите темели.
На израелските сили во чинот на рушење не им претставуваше проблем ниту фактот што објектот се наоѓа во „А“ зоната на Западниот Брег во која палестинските институции имаат административна и безбедносна контрола.
Палестинските и израелските делегации уште во 1995 година го потпишаа таканаречениот „Втор договор од Осло“, според кој окупираниот Западен Брег е поделен на три зони.
Зоната „А“ се простира на 18 отсто од територијата на Западен Брег и административна и безбедносна власт имаат Палестинците. Зоната „Б“ сочинува 21 отсто од Западниот Брег и во неа Палестинците имаат административна управа, а безбедноста е во ингеренциите на Израел. Третата, најголема зона „Ц“ покрива 61 отсто од Западниот Брег и во потполност е под контрола на Израел.