Qais Omar Darwesh Omar,Ali Semerci
20 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
РАМАЛА (АА) - Израелската војска денеска приведе 60 Палестинци на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинска невладина организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палестинското здружение на затвореници истакна дека меѓу приведените има активисти и лидери на Хамас.
Очевидци за Агенција Анадолија изјавија дека Најеф Раџуб, еден од лидерите на Хамас, е приведен во градот Хеброн.
Според невладината организација, израелските сили од почетокот на април на Западниот Брег привеле 1.500 Палестинци.
Се смета дека околу 4.500 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори, меѓу кои 39 жени и 350 затвореници во административен притвор, според податоците на организациите за правата на затворениците.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во израелските напади врз Појасот Газа досега загинале најмалку 230 Палестинци, од кои 65 деца и 39 жени, а над 1.700 се повредени. Цел на нападите се здравствените домови, канцелариите на медиумите и станбените подрачја.
Неодамнешните тензии што започнаа во Источен Кудс (Источен Ерусалим), за време на светиот муслимански месец Рамазан се проширија во Газа како резултат на израелските напади врз верниците во комплексот на Џамијата „Ал Акса“ и населбата Шејх Џерах.