Израелскиот град Ашкелон отвори јавни засолништа поради зголемените регионални тензии
- Oдлуката е донесена откако доцна синоќа беше прогласена состојба на највисока подготвеност поради влошувањето на безбедносната состојба во регионот
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (AA) – Властите во јужниот израелски град Ашкелон денес ги отворија јавните засолништа поради зголемените регионални тензии и загриженоста од можен американски напад врз Иран, јавува Анадолу.
Општината Ашкелон преку објавата на својот канал на Телеграм соопшти дека одлуката е донесена откако доцна синоќа беше прогласена состојба на највисока подготвеност поради влошувањето на безбедносната состојба во регионот.
„Во моментов нема предупредување или конкретна индикација за директна закана по градот Ашкелон“, се наведува во соопштението, додавајќи дека мерката има цел да го „зајакне чувството на безбедност кај жителите“.
Одлуката следуваше по соопштението на израелската армија, објавено доцна синоќа, дека е зголемена одбранбената подготвеност и дека внимателно се следат регионалните случувања. По ова, општините во Бершева, Ган Јавне и Димона, во Јужен и Централен Израел, вечерта ги отворија јавните засолништа.
Притисокот од САД и Израел врз Техеран се интензивираше по избувнувањето на антивладини протести во Иран на 28 декември, предизвикани од влошената економска состојба и животните услови.
Израелскиот јавен радиодифузен сервис вчера објави дека израелските процени укажуваат дека САД би можеле да го нападнат Иран „наредните денови“, додавајќи дека Израел очекува да добие најава неколку часа пред евентуален напад.
Израелските власти повеќепати го обвинија Иран дека ги обновува своите балистички ракетни капацитети, оштетени за време на 12-дневната војна во јуни. Според израелските медиуми, Израел побарал одобрение од САД за нови напади врз Иран.
Израел и Иран меѓусебно се сметаат за непријатели и со години разменуваат обвинувања за саботажи и кибернапади.
