Ahmed Asmar
24 Февруари 2024•Ажурирај: 27 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Канцеларијата за медиуми на владата во Газа вчера објави дека во воздушните напади на израелската војска, која е обвинета за геноцид, се убиени уште двајца палестински новинари во централниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека бројот на загинати новинари во Појасот Газа од 7 октомври се зголеми на 132, по смртта на Мохамад Јаги и Мусаб Абу Заид.
И двајцата новинари, заедно со членовите на нивните семејства, беа убиени во израелските воздушни напади врз нивните домови во бегалскиот камп Нусејрат.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 29.606 Палестинци, воглавно деца и жени, а ранети се повеќе од 69.737 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.