Mustafa Deveci
02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
ЕРУСАЛИМ
Израелските сили урнаа џамија и куќа во изградба во градот Ел Халил во окупираниот Западен Брег, тврдејќи дека нема дозвола за градба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според палестинската новинска агенција ВАФА, израелските сили ја урнале џамијата „Умет“ во маалото Хале, во јужниот дел на градот Ел Халил.
Палестинските власти во Ел Халил, за агенцијата ВАФА истакнале дека израелските власти не дале предупредување пред да биде урната џамијата.
Палестинските власти, кои реагираа на уривањето на џамијата, истакнаа дека уривањето на џамијата „Умет“ е напад на светите места на муслиманите, а исто така и провокација.
Израелските власти тврдат дека срушената џамија и куќата се наоѓале во „зоната Ц“ и немале дозвола за градба.
- Израелската власт ги урива палестинските градби
Израел од различни причини ги урива палестинските куќи и градби во Источен Ерусалим и Западниот Брег, кој го окупира во 1967 година.
Локалните извори велат дека само минатата година 538 палестински куќи и дуќани во Источен Ерусалим и Западниот Брег се урнати од Израел, со образложение дека немале документи за градба или пак, биле изградени во зоната Ц.
Во рамки на Вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен во три зони, А, Б и Ц.
Според тоа, Палестина управува со зоната А (18 отсто од Западниот Брег) од административен и безбедносен аспект, исто така, управува со зоната Б (21 отсто од Западниот Брег) само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа во зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.