Esra Tekin
15 Јануари 2026•Ажурирај: 15 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (AA) – Преземањето на Гренланд би можело да ја чини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повеќе од 700 милијарди долари, изјавија три извори, според „Ен-би-си њуз“, пренесува Анадолу.
Сумата е повеќе од половина од годишниот буџет на Министерството за одбрана на САД. И покрај критиките, Трамп покажал решителност во својот став, изјавувајќи дека САД ќе го имаат островот од 800.000 квадратни милји „на еден или на друг начин“, објави „Ен-би-си њуз“.
Желбата на Трамп да „го поседува“ островот произлегува од загриженоста дека жителите на Гренланд би можеле да се залагаат за независност. Дел од експертите и поранешни американски функционери предупредуваат дека, доколку се случи тоа, крајбрежјето на островот би можело да биде под влијание или контрола на Русија или Кина.
„Гренланд не сака да биде во сопственост, да биде управуван или да биде дел од САД“, изјави министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелдт, по пристигнувањето во Вашингтон во вторникот, каде што се сретна со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
На територијата на Гренланд се наоѓа мала американска воена база, вселенската база Питуфик, а островот историски бил отворен за распоредување дополнителни воени капацитети или за преговори околу искористувањето на вредните природни ресурси, меѓу кои и ретките земјени минерали.
Сепак, во последно време реториката на Трамп значително се смени, а неговите изјави сè почесто се сфаќаат сериозно и во рамките на неговата администрација, како и меѓу американските сојузници.
Како поевтина алтернатива се споменува можен договор според кој Вашингтон би обезбедил финансиска помош во замена за задржување на безбедносното присуство на островот.
Сепак, Трамп постојано изразуваше желба САД да имаат поголем степен на контрола врз оваа територија, споредувајќи ја со поседување недвижен имот, а не со изнајмување.