Израел презема мерки за легализирање на пет населени места на окупираниот Западен Брег
Израелската Влада во изминатиот месец издала вкупно 20 нови кодови за населени места со што била завршена нивната административна регуларизација
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (AA) – Израелската Влада денес одобри лиценци за легализација на пет неовластени населби на окупираниот Западен Брег, потег што крајно десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич го поздрави како чекор што ги ослабува перспективите за формирање палестинска држава, јавува Анадолу.
Смотрич, лидер на крајно десничарската партија „Религиозен ционизам“, ја објави одлуката на американската платформа за социјални медиуми Х, наведувајќи дека Владата им доделила официјални „кодови за населени места“ на Хомеш во северниот дел на Западниот Брег и на уште четири пунктови: Јондиф во Хебронските Ридови, Џибот во блокот Гуш Ецион јужно од Ерусалим, Бетрон во долината на Јордан и Кедом Арава на север.
Тој соопшти дека израелската Влада во изминатиот месец издала вкупно 20 нови кодови за населени места со што била завршена нивната административна регуларизација.
Кодот за населени места претставува израелска административна и правна ознака со која се признава постоењето на пунктот и се интегрира во официјалното планирање и јавните услуги.
Министерот го опиша потегот како продолжување на напорите „да се уништи идејата за палестинска држава“, додавајќи дека активностите за населување на Западниот Брег продолжуваат да се прошируваат.
Палестинските власти со децении ја повикуваат меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за запирање на изградбата на населби на окупираниот Западен Брег, кои Обединетите нации ги сметаат за нелегални според меѓународното право.
Од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година, палестинските претставници наведуваат дека се интензивирале мерките насочени кон анексија на Западниот Брег, вклучително и уривања на домови, присилно раселување и проширување на населбите.
Според израелската левичарска група „Пис нау“, околу 500.000 илегални израелски доселеници живеат во населбите низ Западниот Брег, додека уште 250.000 живеат во населби изградени на земјиште во окупираниот Источен Ерусалим.
Палестински извори наведуваат дека од октомври 2023 година израелските сили и илегалните доселеници убиле најмалку 1.103 Палестинци на Западниот Брег, вклучително и во Источен Ерусалим, повредиле речиси 11.000 и привеле околу 21.000 лица.
Меѓународниот суд на правдата во јули 2024 година ја прогласи израелската окупација на палестинските територии за незаконска и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
