Ahmed Asmar
10 Ноември 2023•Ажурирај: 11 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската Армија продолжува со жестоките напади врз блокираниот палестински Појас Газа, а Министерството за здравство во Газа соопшти дека болниците Ал-Рантиси и Ал-Наср се под блокада на израелските сили, јавува Анадолу.
„Децата пациенти се изложени на фатален ризик поради израелската воена опсада на болниците“, рече портпаролот на Министерството, Ашраф ал Кудра.
Тој додаде дека медицинскиот персонал и раселените лица во двете болници се под целосна опсада без храна и вода.
Палестинската министерка за здравство Маи Алкаила утринава изјави дека од почетокот на израелскиот напад на почетокот на октомври, 18 болници во Појасот Газа престанале со работа.
„Израел ѝ врти грб на меѓународната заедница и продолжува со злосторствата против болниците, здравствените центри и засолништата на цивилите низ Појасот Газа“, рече Алкаила.
Речиси сите болници во опколениот Појас Газа беа цел на израелски напади во изминатите 24 часа. Рано утринава израелската Армија изврши напади и врз главната болница Ал-Шифа во Газа, каде што се засолниле најголемиот број раселени Палестинци од различни делови на Газа.
Израел од 7 октомври извршува жестоки напади врз Појасот Газа, насочени и кон цивили и цивилната инфраструктура. Најмалку 11.078 Палестинци се убиени во Газа, од кои 4.506 деца и 3.027 жени.