Ekip
15 Април 2025•Ажурирај: 22 Април 2025
ХЕБРОН (АА) - Израелската Армија денес ја затвори џамијата „Ибрахим“ во градот Хеброн на Западниот Брег за муслиманските верници, за да им овозможи на нелегалните израелски доселеници да го прослават еврејскиот верски празник Пасха, соопшти палестински официјален претставник, јавува Анадолу.
„Џамијата ќе остане затворена два дена поради празнувањето на Пасха“, изјави за Анадолу, директорот на џамијата „Ибрахим“, Акрам ал-Тамими.
Тамими додаде дека на палестинските верници им е забранет пристапот до објектот во текот на овие два дена, при што на теренот има строги безбедносни услови.
„Израелската Армија, пак, ги отвори сите делови на џамијата за нелегалните доселеници“, нагласи тој.
Пасха е еден од најзначајните празници во еврејскиот верски календар, кој го одбележува егзодусот на Израелците од Египет во времето на пророкот Мојсеј.
Џамијата „Ибрахим“ се наоѓа во Стариот дел на градот Хеброн, на јужниот дел на Западниот Брег, кој е под израелска окупација.
Во овој дел на градот живеат околу 400 нелегални доселеници, под заштита на приближно 1.500 израелски војници.
По масакрот во 1994 година, кога еден нелегален доселеник уби 29 палестински верници во џамијата, Израел ја подели џамијата, доделувајќи 63 отсто од површината за Евреите, вклучително и просторот за молитва, а 37 отсто за муслиманските верници.
Напнатоста на Западниот Брег е зголемена, каде, според палестински извори, од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година досега се убиени речиси 950 Палестинци, а над 7.000 се повредени.
Меѓународниот суд на правдата во јули ја прогласи долгогодишната израелска окупација на палестинските територии за незаконска и повика на итно повлекување на сите доселенички населби од Западниот Брег и Источен Ерусалим.