Ahmed Asmar
30 Април 2024•Ажурирај: 01 Мај 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку уште 47 Палестинци загинаа, а 61 е повреден во последните 24 часа, додека Израел продолжува со нападите врз опколениот Појас Газа, соопшти денес Министерството за здравство на територијата, јавува Анадолу.
„Израелските окупациски сили извршија пет масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 47 маченици и 61 повреден во изминатите 24 часа“, се вели во соопштението на Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.
Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападот врз Појасот Газа, при што од 7 октомври досега се убиени најмалку 34.535 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се 77.704 , објавија палестинските здравствени власти.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за гарантирање дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.