Израелската армија уби 19 Палестинци во Газа, десетици се повредени
- Најмалку 19 цивили се убиени и десетици се повредени утринава во Појасот Газа во напад на израелската армија, објавија локалните медиуми

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 19 цивили се убиени и десетици се повредени утринава во Појасот Газа од израелската армија, објавија локалните медиуми, јавува Анадолу.
Официјалната новинска агенција Вафа објави дека израелската армија нападнала куќа во западниот дел на градот Газа, при што се убиени шест лица, а повредени се 20.
Пет Палестинци се убиени во израелски напад со беспилотно летало врз училиште претворено во засолниште во населбата Шеик Радван во северниот дел на Газа. Телата и повредените Палестинци се пренесени во болницата „Ал-Шифа“ во градот, соопшти Вафа.
Палестинското друштво на Црвена полумесечина (ПДЦП) потврди дека три лица се убиени и има повредени од оган на израелската армија во близина на коридорот Нецарим во централниот дел на Појасот Газа.
Израелските напади биле насочени и кон шатор во кој се засолниле раселени Палестинци во областа Ал-Маваси во Хан Јунис во јужната енклава, при што се убиени пет лица, а голем број се повредени, соопшти ПДЦП.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени над 56.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.