Ikrame Imane Kouachi
18 Октомври 2024•Ажурирај: 21 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Израелската Армија денес издаде предупредување до жителите на 23 села во јужен Либан, наредувајќи им да ги евакуираат своите домови и да се преселат северно од реката Авали, јавува Анадолу.
Во соопштение објавено на социјалната мрежа X, портпаролот на израелската Армија Авичај Адраи ги наведе подрачјата за кои се однесува повикот за евакуација, вклучувајќи ги Тир Харфа, Алама Ал Шааб и Накура.
Адраи ги наведе, како што рече, „активностите на Хезболах“ како основна причина за наредбата за евакуација.
Над 1,2 милиони луѓе, наводно, во моментов се раселени во Либан, бегајќи од израелските напади.
Меѓународните набљудувачи ја осудија ситуацијата, велејќи дека таквите наредби можат да бидат воени злосторства и дека таквото масовно раселување се заканува со хуманитарна катастрофа.
Израел од 23 септември започна масовни воздушни напади низ Либан против, како што вели, локации на Хезболах, при што се убиени повеќе од 1.500 луѓе и беа раселени повеќе од еден милион.
Воздушната кампања е ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на неговата офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби речиси 42.200 Палестинци, повеќето жени и деца, по нападот на Хамас минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во јужен Либан.