Ikrame Imane Kouachi
12 Октомври 2024•Ажурирај: 13 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Израелската армија денес им наложи на жителите на северниот дел на Газа да ги напуштат своите домови и да се упатат кон југ, пренесува Анадолу.
Преку соопштение, портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, им наложи на жителите на северот на Газа „веднаш да се евакуираат преку улицата Салах ал-Дин“ за да стигнат до подрачјето за кое тврди дека е „безбедна хуманитарна зона“.
„Областа, позната како Д5, се очекува да се соочи со континуирана воена акција“, додаде тој.
Овој повик за евакуација следи по ескалацијата на израелските воздушни напади и копнените операции во Газа, особено во густо населените области.
Израел продолжи со бруталната офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, по прекуграничниот упад на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.
Оттогаш во израелските напади во Газа убиени се над 42.100 Палестинци, главно жени и деца, а над 98.100 се повредени, според локалните здравствени власти.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на Појасот Газа, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите акции во Газа.