Turgut Alp Boyraz
25 Јули 2017•Ажурирај: 25 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (AA) - Израелската министерка за култура, Миријам Мири Регев, ја нарече неповолна одлуката за отстранување на детекторите за метал на влезовите во џамијата Ал-Акса во Ерусалим, порачувајќи дека човек не треба да биде експерт за безбедност за да биде свесен колку детекторите беа ефикасни во поглед на безбедноста, јавува Anadolu Agency (АА).
Израелската полиција во текот на ноќта ги отстрани детекторите за метал на влезовите во џамијата Ал-Акса. Денес ќe биде донесена одлуката за тоа дали ќе биде дозволен влез за муслиманите во џамијата Ал-Акса, што во претходните денови беше причина за пораст на тензиите во Ерусалим.
Еден од имамите на Ал-Акса, шеик Раид Дана, рече дека сѐ уште не е јасна ситуацијата на теренот.
„Отстранети се детекторите за метал, но сѐ уште не знаеме што е алтернативата“, објасни Дана. Тој рече дека надлежните од Ал-Акса ќе одржат средба со политичките лидери, на којашто ќе оцени состојбата, но и ќе се донесе одлука за следниот чекор.
Тој порача дека таа одлука ќе биде одлука на народот на улиците. Верниците и денес утринската молитва на муслиманите, сабах намаз, ја одржаа на улица.
Гласноговорникот на Вакуфската управа на Ерусалим, Фирас Дибс, по молитвата изјави дека моментно нема детектори за метал и контролни камери.
„Мислам дека улемата денес ќе донесе одлука за влез во Акса“, додаде Дибс. Доколку муслиманите донесат одлука за влез во Ал-Акса, утринската молитва ќе биде последната молитва што е одржана на улица.
По состанокот, кој траеше до доцните ноќни часови, од израелската служба за безбедност беше соопштено дека е донесена одлука за отстранување на детекторите за метал, но ќе се користат други мерки во рамките на напредната технологија.
Според даденото објаснување, на тој начин ќе се обезбеди сигурност за сите што се молат во Ал-Акса. Во соопштението се додава дека додека не се реализираат новите мерки, во градот ќе бидат распоредени голем број полицајци и ќе бидат преземени потребните чекори за да бидат безбедни посетите на Ал-Акса.
За тие „технолошки мерки“, како што ги нарекоа, од денес Владата ќе издвои буџет од околу 28 милиони долари, кој ќе биде наменет за реализација на мерките во наредните шест месеци.
Поранешниот директор на комплексот Ал-Акса, шеик Наџи Бекират, во соопштението истакна дека израелските власти не ги отстранија контролните камери. Тој истакна дека само отстранувањето на детекторите за метал не е доволно и не ги исполнува барањата на Палестинците.
Во соопштението на израелскиот Совет за безбедност се наведува дека детекторите за метал ќе бидат заменети со напредна технологија, односно со други мерки за безбедност.
Сѐ додека не се реализира планот во врска со користењето на напредната технологија, во близина на Ал-Акса ќе бидат распоредени значително поголем број полицајци.
Паралелно со тоа, израелската полиција во текот на ноќта интервенираше со солзавец, растерувајќи група Палестинци во Ерусалим, а во интервенцијата беа повредени повеќе лица.
Израелските безбедносни сили минатата недела, по четири дена, ја укинаа забраната за влез во реонот Стар Град, во источниот дел на Ерусалим, но силните тензии во таа област продолжија. Во текот на интервенцијата на израелската полиција, во последните неколку дена загинаа петмина, а повредени се стотина Палестинци, некои од нив во критична состојба.
Локалното муслиманско население не можеше да влезе во комплексот Ал-Акса од петокот до понеделникот, а израелските сили во неделата поставија и дополнителни контролни пунктови со детектори за метал на влезовите во комплексот. Локалните Палестинци протестираа поради тоа и одбиваа да влезат во комплексот, а молитвите ги одржуваа пред него.
Кризата ескалираше во изминатите недели, кога израелските полицајци убија тројца Палестинци пред и во комплексот Ал-Акса, што резултираше со општ метеж во којшто беа повредени повеќе лица, меѓу кои и двајца израелски полицајци кои починаа на пат кон болницата. Израелската полиција потоа издаде наредба да се затвори комплексот Ал-Акса.