Handan Kazancı
13 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските воздухопловни сили вчера соопштија дека фрлиле „околу 6.000 бомби кон позициите на Хамас“ во Газа од нападот во саботата, што речиси се совпаѓа со бројот на бомби што Соединетите Американски Држави (САД) ги употребија во Авганистан за една година, пренесува Анадолу.
„Вашингтон пост“, цитирајќи го Марк Гарласко, воен советник во холандската организација „ПАКС фор Пис“, објави дека Израел „за помалку од една недела фрлил колку што САД имаат фрлено во Авганистан за една година, во многу помала, многу погусто населена област каде што грешките може да бидат големи“.
Гарласко, кој е и поранешен истражувач на ОН за воени злосторства во Либија, повикувајќи се на записи од Централната команда на американските воздухопловни сили, за весникот изјави дека најголемиот број бомби фрлени во една година во војната во Авганистан бил околу 7.420, според ОН, за време на целата војна во Либија, НАТО соопшти дека фрлил повеќе од 7.600 бомби и проектили од авиони.
Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз опколениот Појас Газа се искачи на 1.537, објави Министерството за здравство во Газа. Во соопштението се истакнува дека меѓу загинатите 500 се деца, 276 се жени, а повредени се 6.612 лица.
Во текот на вчерашниот ден Израелските воздухопловни сили (ИАФ) преку платформата X соопштија дека „десетици борбени авиони и хеликоптери нападнаа повеќе терористички позиции на терористичката организација Хамас низ Појасот Газа“.
„Досега ИАФ имаат фрлено околу 6.000 бомби кон позициите на Хамас“, се додава.
Чарлс Листер, висок соработник и директор на Програмата за екстремизам и контратероризам на Институтот за Блискиот Исток, исто така, беше изненаден од бројката.
„Леле, 6.000 бомби за шест дена, на 365 км2 - Газа“, напиша Листер на X.
„За споредба, меѓународната коалиција против ИСИС фрлаше во просек скоро 2.500 бомби месечно, на 46.000 км2 во Сирија и Ирак.“