Esat Fırat
23 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
КУДС (ЕРУСАЛИМ)
Израелската администрација стави 6 палестински организации за заштита на човековите права на листата на терористички организации, тврдејќи дека се поврзани со Народниот фронт за ослободување на Палестина, известува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави весникот „Ерусалим пост“, Министерството за правда на Израел за илегални ги прогласи организацијата „Адамер“, која ги поддржува палестинските затвореници, организацијата „Ал Хак“, која се бори за заштита на човековите права, Центарот за истражување и развој „Бисан“, Мрежата за заштита на правата на палестинските затвореници „Самидун“, Унијата на земјоделски работни одбори (UAWC) и Меѓународната палестинска мрежа за заштита на правата на децата (DCI-P).
Во веста се наведува дека организациите се прогласени за илегални поради сомневање за нивна поврзаност со Народниот фронт за ослободување на Палестина, кој израелската администрација го смета за терористичка организација, додавајќи дека одлуката е донесена во рамките на законот за борба против тероризмот.
Народниот фронт за ослободување на Палестина, кој Израел го смета за терористичка организација, е дел од Палестинската ослободителна организација и е втора по големина организација, по движењето Фатах.
Соопштение во врска со оваа одлука на Израел објави Министерството за надворешни работи на Палестина.
„Го осудуваме лудиот напад на израелската окупаторска држава врз палестинското цивилно друштво и организации, како и одлуката за терористички организации да бидат прогласени шест особено истакнати организации за човекови права и невладини организации“, се вели во соопштението.