Hamdi Yıldız
07 Ноември 2023•Ажурирај: 07 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Во текот на ноќта израелски воени авиони и артилерија ги гаѓаа домовите на цивилите во различни делови на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Загинаа десетици палестински цивили, меѓу кои и деца и жени.
Според вестите на палестинската државна новинска агенција ВАФА, израелски авиони извршиле напад врз куќата на семејството Ал Хамајде во бегалскиот камп Шабура во Рафа, при што загинале пет лица, меѓу кои и една жена.
Едно лице загина, а многумина се повредени во израелско бомбардирање на зграда во северниот дел на Појасот Газа.
Израелската авијација и артилериските единици ја бомбардираа околината на болницата Кудс во регионот Тел ел Хева во Појасот Газа, бегалските кампови Шати и Ал Магази, дистриктот Зејтун и многу места во областа Беит Ханун.
Во овие напади загинаа и ранети се голем број цивили.
Палестинската Црвена полумесечина објави дека израелски воени авиони го погодиле подрачјето околу болницата Ал Кудс со две ракети и ги повика хуманитарните организации итно да достават основна помош за Газа и северниот регион.
Болнички извори објавија дека во болницата Ал Кудс останало гориво за уште 48 часа, во болницата Авде за 30 часа, индонезиската болница има гориво за 24 часа, а некои одделенија во индонезиската болница веќе не се во функција.
Исто така, објавено е дека израелски воени авиони погодиле џамија во бегалскиот камп Бурајџ.