свет

Израел присвои 8 квадратни километри земја во подрачјето на Јорданската Долина во Западниот Брег

„8 квадратни километри во Јорданската Долина се алоцирани како израелска земја за изградба на стотици станбени единици во областа наменета за индустрија, трговија и вработување“

Rania R.a. Abushamala  | 22.03.2024 - Обновена : 24.03.2024
Израел присвои 8 квадратни километри земја во подрачјето на Јорданската Долина во Западниот Брег

КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел одзеде 8 квадратни километри земја во Јорданската Долина на окупираниот Западен Брег за изградба на стотици станбени единици, објави денес израелски медиум, пренесува Анадолу.

„8 квадратни километри во Јорданската Долина се алоцирани како израелска земја за изградба на стотици станбени единици во областа наменета за индустрија, трговија и вработување“, соопшти Израелската радиодифузна корпорација.

„Планирањето на станбените единици во областа назначена како државно земјиште може да потрае околу една година и ќе бара одобрение на политичко ниво“, се додава.

Државниот медиум го цитираше министерот за финансии Безалел Смотрич, кој ја потпиша одлуката за конфискација, кој нагласува: „Издавањето проглас за државното земјиште е важна и стратегиска работа.“

Смотрич додава: „Овој проглас ќе овозможи продолжување на изградбата и закрепнувањето на Јорданската Долина. Во време кога има такви кои се обидуваат да ги поткопаат нашите права во Јудеја и Самарија (Западниот Брег) и во државата воопшто, ние ги зајакнуваме населбите преку сериозна и стратегиска работа низ целата земја.“

Палестинските и израелските организации за човекови права укажаа на забележливо зголемување на активностите за изградба на станбени единици на Западниот Брег по формирањето на Владата на Бенјамин Нетанјаху на крајот на 2022 година.

Според проценките на Комисијата за спротивставување на колонизацијата и Sидот, во нелегалните населби на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим (Источен Кудс), живеат повеќе од 720.000 Израелци.

Меѓународната заедница се согласува дека населбите се незаконски и дека претставуваат пречка за спроведувањето на дводржавното решение, кое повикува на формирање палестинска држава покрај државата Израел.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.