Ahmed Asmar
27 Јуни 2024•Ажурирај: 28 Јуни 2024
РАМАЛА (АА) - Најмалку 28 Палестинци биле приведени од страна на израелските сили во воените напади извршени низ окупираниот Западен Брег, според групите за прашања на затворениците, јавува Анадолу.
Еден студент е меѓу приведените во рациите што беа насочени кон градовите Источен Ерусалим, Хеброн, Џенин, Витлеем, Рамала и Наблус, се вели во заедничката изјава на Комисијата за прашања на затворениците и Здружението на палестински затвореници.
„Приведувањата беа пропратени со малтретирање, закани кон затворениците и нивните семејства, како и со уништување и саботажа на домовите на граѓаните“, се вели во соопштението.
Според палестинските податоци, со денешните приведувања бројот на приведени Палестинци се искачи на 9.430.
Во текот на изминатите неколку години израелската армија спроведуваше редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците, исто така, беа насилно нападнати од нелегалните израелски доселеници.
Според Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 553 Палестинци, меѓу кои 133 деца, а речиси 5.300 се повредени од оган на израелската армија на окупираната територија.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна одлука им се нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.