Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
11 Јули 2023•Ажурирај: 12 Јули 2023
КУДС (АА) - Израелската полиција приведе десетици демонстранти денес за време на демонстрациите против усвојувањето на Нацрт-законот со кој се ограничуваат овластувањата на Врховниот суд, јавува Анадолу.
Полицијата соопшти дека 16 демонстранти се приведени во Тел Авив, 15 во области во Централен Израел, осум во Кудс и тројца во близина на крајбрежниот град Нетанија.
Израелската опозиција денес организираше неколку протести низ Израел против гласањето во Кнесетот за Нацрт-законот за ограничување на овластувањата на судот.
Нацрт-законот беше усвоен во прво читање со 64 наспроти 56 гласа. Меѓутоа, ќе бидат потребни второ и трето читање за да стане ефикасен закон.
Беше усвоен и друг Нацрт-закон што ќе ја направи потешка промената на премиерот, поради обвиненијата за корупција за кои се товари премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Полицијата соопшти дека употребила водени топови за да ги растера демонстрантите што го блокираа главниот пат што води кон Кудс. Другите главни автопатишта низ Израел, исто така, беа блокирани од демонстрантите.
Во меѓувреме, израелските опозициски групи ги повикаа поддржувачите да излезат на улиците за да се вклучат во денешните протести наречени „Ден на отпорот“.
Поранешниот министер за одбрана Бени Ганц ја повика полицијата да дозволи продолжување на протестите против судските реформи.
„Многу Израелци ќе излезат денес да демонстрираат против режимскиот пуч што ја загрозува израелската демократија“, рече Ганц, шеф на Партијата за национално единство.
Израел беше во политички превирања во последните месеци поради планираните реформи во судството од страна на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, што опозицијата го смета за грабање моќ во корист на извршната власт.
Израелската опозиција го обвинува Нетанјаху, кому му се суди по обвиненија за корупција, дека ја искористил ревизијата на судството за да ги тргне можните пресуди против него.
Нетанјаху ги негира обвиненијата и отфрла каква било поврзаност помеѓу судските промени и неговиот сопствен случај.