свет

Израел забрани член на Европскиот парламент да влезе во Палестина

Европратеникот од Обединета Левица, Мануел Пинеда, го обвини Израел за блокирање на работата на Европскиот парламент

Zehra Nur Düz  | 23.05.2022 - Обновена : 24.05.2022
Израел забрани член на Европскиот парламент да влезе во Палестина

АНКАРА (АА) - Израел му забрани влез на Мануел Пинеда, шпански политичар од коалицијата Обединета Левица кој е член на Европскиот парламент, а воедно и шеф на делегацијата за односи меѓу Европската Унија и Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пинеда на Твитер објави дека ја откажал мисијата што требало да ја предводи денес за да ја процени моменталната состојба на Палестинците.

Тој исто така го сподели соопштението од страна на израелското Министерство за надворешни работи.

Според „информациите добиени од надлежните органи на Израел“, Министерството одлучило „да не го одобри доаѓањето“ на Пинеда во земјата, се вели во соопштението, без да се наведат причините.

Пинеда го обвини Израел за „блокирање на работата на Европскиот Парламент“.

„Во мисијата беше планирана средба со палестинските власти и цивилното општество, уочување на последиците од окупацијата врз секојдневниот живот на палестинското население на територијата, како и ефектите на политиките од соработката со ЕУ“, истакна Пинеда.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, исто така, изрази жалење за одлуката за забраната за влез на Пинеда во Израел.

„Ќе го поставам прашањето директно до засегнатите власти. Почитувањето на европратениците и Европскиот парламент е од суштинско значење за добрите односи“, порача Мецола на Твитер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.