Esat Fırat
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Случајот на исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги привлече големо внимание во светот, а за случајот, за првпат се огласија и израелските власти, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржува и весникот„Ал Ватан“, кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.
Неименуван официјален претставник на израелската Влада во изјава за лондонската редакција на саудискиот весник „Илаф“ („Ilaf“) рече дека Израел им верува на изјавите што доаѓаат од Саудиска Арабија, а не на вестите што доаѓаат од Турција.
„Израел внимателно го следи целиот случај. Вестите што доаѓаат од Турција не се базираат на докази и затоа официјален Тел Авив стои на страната на Ријад“, рече израелскиот официјален претставник.
Тој рече дека Израел ги чека резултатите од официјалната истрага што ја водат турските и саудиските истражни органи, а ги обвини медиумите дека за тој случај известуваат претенциозно врз база на содржините на социјалните мрежи, а не врз база на службените соопштенија од Саудиска Арабија.
Паралелно на тоа, безбедносниот аналитичар на израелскиот весник „Маарив“ („Maariv“), Јоси Мелман, претходно на социјалните мрежи објави дека во целиот случај на исчезнување на новинарот Кагоши, би можела да биде вмешана и израелската разузнавачка служба Мосад (MOSSAD).
„Се надевам дека Мосад не е ниту индиректно вмешан во убиството на Кагоши“, напиша Мелман.