Betül Yılmaz
22 Октомври 2025•Ажурирај: 23 Октомври 2025
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) - Израел денес нареди депортација на 32 странски активисти поради нивната поддршка на палестинските берачи на маслинки кои се соочуваат со насилство од страна на израелските доселеници во окупираниот Западен Брег, објави Анадолу.
Во соопштението на министерот за внатрешни работи Јарив Левин и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се вели дека активистите ќе бидат депортирани поради сомневање за поврзаност со „Сојузот на земјоделски работни комитети“, невладина организација која ги поддржува палестинските земјоделци, за време на протестот минатата недела.
На активистите им е воведена и 99-годишна забрана за влез, се вели во соопштението, без да се наведува националноста на активистите.
Наредбата за депортација дојде по барање на Јоси Даган, шефот на Советот за населби во северниот дел на Западниот Брег.
Основан во 1986 година, „Сојузот на земјоделски работни комитети“ е најголемата невладина организација за развој на земјоделството на Западниот Брег за поддршка на палестинските земјоделци против израелските ограничувања.
Одделно, израелската Армија приведе 45 Палестинци во воените рации низ Западниот Брег.
Во соопштението на невладиното Палестинско здружение на затвореници се вели дека 30 лица биле приведени во Хеброн, а 15 во други градови, каде што армиските сили ги нападнале семејствата на притворените и им ги оштетиле имотите.
Повеќе од 10.000 палестински затвореници, вклучувајќи деца и жени, моментално се наоѓаат во израелските затвори, каде што, според извештаите на палестинските и израелските организации за човекови права и медиуми, се соочуваат со тортура, гладување и медицинско занемарување, што резултира со смрт на многумина.
Израелските напади ескалираа низ окупираниот Западен Брег од октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 1.056 Палестинци, повредени 10.300, а приведени над 20.000, според палестинските податоци.
Минатиот јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.