Rania R.a. Abushamala
13 Јануари 2025•Ажурирај: 14 Јануари 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) – Израел денес ги демантираше медиумските извештаи дека примил „финален нацрт“ на договорот за прекин на огнот и размена на заробеници со Хамас, јавува Анадолу.
Медиумите објавија дека рано утринава Катар го доставил финалниот нацрт на договорот до Израел и Хамас.
Сепак, израелскиот дневен весник „Хаарец“, повикувајќи се на израелски извор, објави дека не бил пратен финален нацрт.
Засега Катар нема коментар на овие извештаи.
„Хаарец“, повикувајќи се на неименувани израелски извори, извести за „напредок во преговорите за ослободување на заложниците“ синоќа околу полноќ.
Извор запознаен со преговорите за весникот изјавил дека Израел и Хамас се „многу, многу блиску до договор“, без да открие дополнителни детали.
Во петокот израелските медиуми објавија дека Катар пратил „позитивна порака“ до Израел во врска со подготвеноста на Хамас да продолжи со преговорите за размена на затвореници.
Весникот „Једиот Ахронот“ во саботата, повикувајќи се на анонимни извори, објави дека „90 отсто од деталите на потенцијалниот договор за размена на затвореници се договорени“.
Преговорите за размена на затвореници и прекин на огнот, посредувани од Катар, Египет и САД, повеќепати беа прекинати поради новите услови поставени од Нетанјаху.
Израелската опозиција и семејствата на заложниците го обвинуваат Нетанјаху за попречување на напорите за постигнување договор за прекин на огнот и размена на заробеници со Хамас.
Израелската армија продолжува со геноцидната војна во Газа, во која од 7 октомври 2023 година досега убиени се 46.600 Палестинци, од кои најголем број жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за итен прекин на огнот.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите постапки во Појасот Газа.