Bekir Aydoğan
31 Мај 2024•Ажурирај: 01 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските власти со уцена и закани блокираа новинар од весникот „Хаарец“ кој имал намера да објави вест за заканата на Мосад до поранешната главна обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во 2021 година да ја откаже истрагата поведена против Израел, пренесува Анадолу.
Весникот „Хаарец“ објави дека има намера да известува за заканата упатена од поранешниот шеф на Мосад, Јоси Коен, до поранешната главна обвинителка на МКС, Фату Бенсуда, да ја поништи истрагата поведена против Израел во 2021 година.
Новинарот Гур Мегидо пред две години сакал да ја објави веста, но добил повик од висок израелски безбедносен претставник за средба.
Во текстот се наведува дека на Мегидо пред средбата му бил одземен телефонот за да не може да го сними разговорот во кој му било кажано дека израелските власти „знаат дека има информации за обвинителот“.
„Ми беше кажано дека ако ја објавам веста ќе ги сносам последиците и дека ќе ја запознам внатрешноста на собата за испрашување на израелските безбедносни службеници“, му рече Мегидо на новинарот.
Високиот израелски безбедносен претставник му се заканил и на Мегидо со исти последици доколку ја сподели информацијата со странски медиуми.
Британскиот весник „Гардијан“ објави дека Фату Бенсуда, која беше главна обвинителка на МКС од 2012 до 2021 година, започна истрага во 2021 година врз основа на пријавите дека Израел извршил воени злосторства и злосторства против човештвото на палестинските територии.
Исто така, се наведува и дека поранешниот директор на Мосад, Коен, директно ѝ се заканил на Бенсуда да не отвора истрага.
„Не сакате да се мешате во работи што ќе ја загрозат Вашата и безбедноста на Вашето семејство“, е заканата што Коен наводно ѝ ја упатил на обвинителката Бенсуда.