Hamdi Yıldız
04 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
РАМАЛА (АА) - Израел 634 пати го спречи учењето на езанот во џамијата „Харем-и Ибрахим“, лоцирана во градот Ел-Халил, на окупираниот Западен Брег, во текот на 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на џамијата „Харем-и-Ибрахим“, Хифзи Ебу Сунејне, во изјавата за АА изјави дека Израел интервенирал секојдневно за да го спречи учењето на езанот во џамијата „Харем-и-Ибрахим“.
Истакнувајќи дека само во декември 46 пати е спречено учењето на езанот, Ебу Сунејне рече дека во 2020 година Израел 634 пати не дозволил да се учи езанот.
- Учењето на езанот е забрането навечер и во сабота -
Ебу Сунејне наведе дека езанот за приквечерната молитва (акшам намаз) секој ден е спречуван од Израел, под изговор дека илегалните еврејски доселеници се вознемируваат.
Наведувајќи дека во петокот не е дозволено и учењето и езанот за вечерната молитва (јација намаз) бидејќи Евреите ја сметаат саботата за свет ден, Ебу Сунејне додаде дека под ист изговор во сабота не е дозволен езанот и за молитвите „Сабах“, „Пладне“, „Икиндија“ и „Акшам“.
Ебу Сунејне, директорот на џамијата „Харем-и-Ибрахим“, исто така истакна дека за време на еврејските празници џамијата се затвора целосно.
Џамијата „Харем-и Ибрахим“ беше затворена по масакрот во кој еврејскиот фанатик Барух Голдштејн уби 25 муслимани на 25 февруари 1994 година. Откако е повторно отворена, џамијата е поделена на два дела, а поголемиот дел е доделен на Евреите.
Во 2017 година, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи џамијата „Харем-и-Ибрахим“ и областа на Стариот Град, каде што се наоѓа џамијата, да ги вклучи на листата на светско наследство како „загрозено светско наследство на Палестина“.